Стефан Георгиев: „Иако сè уште немаме отворено продавници, ефектот од „Лидл“ веќе е видлив и мерлив
18.05.2026 | Скопје
Во интервју за емисијата „Бизнис објектив“ на Телма ТВ, директорот за набавки Стефан Георгиев споделува како „Лидл“ им помага на домашните производители да растат, да ги подигнат стандардите и да стигнат до меѓународните пазари.
„Лидл“ е присутен на пазарот веќе неколку години преку инвестиции и подготовки за отворање, но она што е исклучително интересно е влијанието што го имаше врз македонската економија дури и пред официјалното отворање на какви било продавници.
Јавноста со нетрпение го очекува отворањето на продавниците, но ефектите од вашето работење се веќе тука. Може ли да ни кажете нешто повеќе за соработката со локалните добавувачи и какви се досегашните резултати, пред сè во делот на извозот?
Стефан Георгиев: Иако сè уште немаме отворено продавници, ефектот од „Лидл“ веќе е видлив и мерлив, главно преку соработката со локалните добавувачи. Клучниот показател тука е извозот. Во 2023 година почнавме да извезуваме македонски производи во други „Лидл“ земји и остваривме приход од околу половина милион евра за македонската економија. Во 2024 година го зголемивме на 5 милиони евра, а среќен сум што можам да кажам дека во 2025 година постигнавме вкупен извоз на македонски производи од околу 15,5 милиони евра.
Тоа е навистина сериозен раст за краток временски период. Кои производи се најбарани и како успевате да ги пласирате на странските пазари?
Стефан Георгиев: Кога ги разгледуваме категориите, главно извезуваме традиционално силни македонски производи, како свежо овошје и зеленчук, како и јагнешко месо и конзервирани производи. Интересно е што организираме и така наречена „Македонска недела“. Исто како што имаме тематски недели од типот американска, грчка, шпанска или италијанска, воведовме македонска недела. Во изминатите две години организиравме 22 промоции на македонски производи во странство, со повеќе од 70 производи од 17 македонски добавувачи, во вкупна количина од над 2.500 тони. Секако, сите успешни промотивни производи влегуваат во редовниот асортиман, каде количините се уште поголеми, бидејќи се дистрибуираат цело време.“
Познато е дека „Лидл“ има исклучително високи стандарди за влез во вашата мрежа. Што е она што македонските производители мора да го исполнат за да станат дел од овој синџир и да извезуваат преку вас?
Стефан Георгиев: Стандардите за квалитет се клучни за „Лидл“, а нашите внатрешни стандарди често се повисоки од законските, не само во Македонија, туку и во Европа. Ова е од суштинско значење за да им гарантираме на клиентите безбедност, квалитет и конзистентност на производите, особено во приватните марки. Еден сертификат е IFS Меѓународен стандард за храна, што претставува највисок светски стандард за производство. Друг сертификат за македонските добавувачи е GlobalGAP (со додаток GRASP), каде GAP значи Добри агро практики, а GRASP се однесува на социјалните услови за работа на вработените во полето. Свежиот овошје и зеленчук е особено важно, бидејќи ги конзумираме дневно, па имаме внатрешна политика да тестираме во акредитирани лаборатории над 700 остатоци од пестициди, со што гарантираме безбедност на свежите овошје и зеленчук. Овие сертификати создаваат доверба кај клиентите дека производите се со висок квалитет.
А тоа значи дека граѓаните сепак можат да бидат спокојни дека ќе имаат добри производи во вашите маркети, но како успевате да, покрај сите овие строги барања, да се одржат и поволни цени во маркетите и да бидат конкуренција на останатите?
Стефан Георгиев: Согласен сум дека комбинацијата висок квалитет и ниски цени изгледа невозможна, но во системот на Лидл тие коегзистираат и тоа е нашата главна предност. Квалитетот го гарантираме преку споменатите стандарди (IFS и GlobalGAP), додека ниските цени ги постигнуваме со внимателно одбран асортиман, фокус на приватни марки и оптимизација на сите процеси од производство, логистика до достава во продавниците. Ова ни овозможува да нудиме висококвалитетни производи по достапни цени.
А може ли еве и малку поконкретно да појасниме, на кој начин вие им помагате на македонските компании за да ги исполнат овие стандарди коишто се бараат и за да имаат и поагресивен пристап и на странските пазари, не само во маркетите коишто се очекува да бидат отворени во Македонија?
Стефан Георгиев: Поддршката за локалните македонски добавувачи е клучна во нашата работа. Не можеме да очекуваме највисоки сертификати без наша помош. Од една страна, комуницираме со нив, даваме консултации и знаење од најдобрите европски добавувачи во Лидл мрежата, вклучително организирани посети на магацини и производни капацитети. Друго, преку партнери покриваме дел од трошоците за сертификација, ова е особено важно за мали добавувачи на свежо овошје и зеленчук. Трето, обезбедуваме гарантирана соработка: на пример, во 2023 година со еден македонски производител од конзервната индустрија почнавме со приход од 35.000 евра, а во 2025 стигнавме до 1 милион евра. Бројот на сертифицирани добавувачи расте: од 25 GlobalGAP во 2023 на над 50 сега, и од 30 IFS на 55 македонски добавувачи. Нашата улога е партнер и катализатор за забрзување на сертификациите, инвестициите во квалитет, со што компаниите стануваат поконкурентни на локални и меѓународни пазари.
Она што може да се забележи по продажните места на Лидл е дека имате и сопствени брендови. Прашањето е како тие се раѓаат, како се развиваат, колку време е практично потребно за еден таков процес и дали истите тие се барани и во рамки на други маркети во светот?
Стефан Георгиев: Приватните марки се во сржта на нашиот бизнис и ни овозможуваат да гарантираме квалитет по ниски цени. Процесот трае меѓу 6 и 12 месеци и бара темелна подготовка. Прво ги идентификуваме категориите и производите, па заедно со добавувачите избираме рецепт, суровини и амбалажа. Ова гарантира ниски цени и висок квалитет. Од ова бенефит имаат и производителите бидејќи добиваат гарантирани количини и долгорочна соработка со годишен раст, но и потрошувачите кои имаат доверба дека производите се со највисок квалитет и достапна цена, преку оптимизација на процесите.
Што ќе значи еве влезот на Лидл во Македонија во поглед на конкуренцијата, со оглед дека вашиот адут практично се пониските цени?
Стефан Георгиев: Влезот на нов играч секогаш ја зголемува конкуренцијата и динамиката на пазарот, особено со Лидл. Сакаме да им понудиме на клиентите поголем избор, висококвалитетно искуство во продавниците и достапни цени. Македонските потрошувачи веќе го познаваат Лидл од соседните земји (Грција, Србија, Бугарија) и Германија, а истото сакаме да го овозможиме и во Македонија. Ќе поставиме стандарди за квалитет, ќе бидеме конкурентни, бидејќи македонските граѓани го заслужуваат и го очекуваат ова.