Европски стандарди во логистиката на македонскиот пазар - најголемиот логистички центар на Lidl на Балканот
29.06.2026 | Скопје
Логистиката е дел од малопродажбата што е ретко видлива за потрошувачите, но има клучна улога во секојдневното функционирање на маркетите. Од организацијата на транспортот и складирањето, до контролата на квалитетот и навремената испорака, станува збор за процес кој бара високо ниво на координација и прецизност. Токму затоа, логистичкиот центар на Lidl во Куманово, кој е најголемиот логистички центар на Lidl на Балканот е многу значаен дел од подготовките на компанијата за почеток на работењето на македонскиот пазар.
За европските стандарди што ги применува Lidl, за системите за контрола на квалитет и за значењето на новиот центар за идниот развој на компанијата во земјава, Стојан Минев, директор за логистика, синџир на снабдување и продажби во Лидл Северна Македонија зборува во интервјуто за „Бизнис вести“. Стојан Минев е во компанијата од 2010 година. Својата кариера во Lidl ја започнал како менаџер на продавница и низ годините напредувал на повеќе позиции, од регионален менаџер за продажба до директор на продажба, а последниве две години со своето семејство живее во Македонија и раководи со логистиката, со синџирот на снабдување и со продажбата.
1. Кога се зборува за малопродажба, најчесто вниманието е насочено кон маркетите и производите. Но, колку всушност логистиката е важна за работењето на Lidl?
Поголем број од граѓаните, кога ќе влезат во маркет, размислуваат за цените, за асортиманот или за тоа дали ќе го најдат производот што им е потребен. Ретко кој размислува за патот што тој производ го поминал пред да стигне до полицата. А токму во тој пат се крие една од најважните функции во малопродажбата, логистиката.
Нашата предност е што сме дел од најголемата и најразвиена логистичка мрежа во Европа. Lidl денес работи во повеќе од 30 земји и располага со широка мрежа на логистички центри кои овозможуваат ефикасно движење на производите низ целиот континент. Наместо секој добавувач да организира посебни испораки на различни локации, производите се доставуваат до логистичкиот центар на Lidl каде се врши проверка на квалитетот, а производите се чуваат во стандардизирани услови како во секој логистички центар на Lidl низ Европа.
| Во Lidl логистиката е еден од најважните столбови за поддршка на работењето. За нас е многу важно на нашите потрошувачи да им обебзедиме свежи и квалитетни производи секој ден. Затоа е потребна прецизна координација за производите да го задржат својот квалитет и свежина, тргнувајќи од производителот па сѐ до кошничката на потрошувачот. Ова го постигнуваме комбинирајќи ја економијата од обем со централизирана и автоматизирана логистика, што ни овозможува да се намалат трошоците и доцнењата во синџирот на набавки. На тој начин, секој ден на нашите потрошувачи им нудиме свежи и квалитетни производи по најдобра можна цена. |
2. Логистичкиот центар во Куманово е најголемата инвестиција на Lidl во земјава. Што всушност ќе значи овој објект за идното работење на компанијата?
| Логистичкиот центар во Куманово е инвестиција од 115 милиони евра и е најголем логистички центар на Lidl на Балканот. Центарот има стратешко значење за целото работење на Lidl во Македонија, централна локација низ која ќе поминуват сите продукти пред да стигнат до маркетите. Од таму ќе се управува снабдувањето, складирањето и дистрибуцијата на илјадници производи секој ден. Станува збор за објект изграден според највисоките стандарди на одржливост, енергетска ефикасност и современа логистика. Има површина од 67.000 квадратни метри и висина од 20 метри, а располага со над 47 000 палетни места. |
Логистичкиот центар е одраз на нашата визија за долгорочен развој на малопродажната мрежа на компанијата во земјава. Секој логистички центар на Lidl, па така и овој има посебни зони за различни категории производи, со строго контролирани температурни режими и услови за складирање. Производите ќе се движат низ систем кој овозможува брз прием, ефикасно складирање и навремена испорака до маркетите, при што во секој момент ќе постои прецизна следливост на продуктите. Ваквиот модел овозможува значително пократко време од приемот на производите до нивната испорака во маркетите, што е особено важно кај свежите категории, како што се овошјето, зеленчукот, месото и млечните производи.
Центарот ќе има и важна улога во понатамошната интеграција на Македонија во европската логистичка мрежа на Lidl, што, пак, ќе значи поефикасно поврзување со останатите логистички центри во Европа, подобро планирање на транспортот и дополнителна оптимизација на трошоците.
Покрај оперативното значење, Логистичкиот центар во Куманово има и силна економска димензија. Во изградбата учествуваа повеќе од 75 домашни компании, што е значаен придонес за домашниот градежен сектор, транспортните компании, инженерските услуги и бројни други дејности поврзани со реализацијата на проектот.
3. Како ќе се одрази работењето на логистичкиот центар врз отворањето нови работни места и што ќе значи за вработените?
Работењето на логистичкиот центар ќе придонесе за отворање на околу 230 нови работни места, што претставува значајна инвестиција во локалната економија и пазарот на труд. Во моментов е во тек процесот на регрутација на нови вработени, по што ќе следува сеопфатна програма за обука и професионален развој, со цел тие да ги стекнат потребните знаења и вештини за работа во современа логистичка средина.
Lidl посветува особено внимание на развојот на своите вработени, но и на обезбедувањето висококвалитетни услови за работа. Компанијата континуирано вложува во најсовремени технолошки решенија, како и во здравјето, безбедноста и благосостојбата на вработените. Истиот пристап е применет и при дизајнирањето на логистичкиот центар, кој е изграден согласно највисоките стандарди за безбедност, ефикасност и одржливост. Работната средина е осмислена да обезбеди безбедни, удобни и современи услови за работа, овозможувајќи им на вработените да ги извршуваат своите задачи во пријатна атмосфера.
4. Ги спомнавте свежото овошје, зеленчук, месо и млечните производи, колку е сложено да се одржи нивниот квалитет? Какви се вашите искуства?
Секој производ има свои специфики и бара различни услови за складирање и транспорт, при што и најмалите отстапувања можат да влијаат врз квалитетот и безбедноста на производот. Поради тоа, во нашите логистичките центри постојат посебни температурни зони, прилагодени на различните категории производи. Температурата и влажноста се следат континуирано преку дигитални системи и сензори поставени на повеќе точки. Кај чувствителните категории се користат и алармни системи кои реагираат уште пред параметрите да ја достигнат максимално дозволената граница, овозможувајќи навремена интервенција.
Свежината, сепак, не зависи само од условите на складирање, туку подеднакво важна е и брзината со која производите се движат низ целиот синџир на снабдување. Затоа, нарачките од маркетите се планираат и се обновуваат секојдневно, што овозможува производите побрзо да стигнат до потрошувачите и тие да добијат квалитетен и свеж производ, а и да се избегне создавање непотребни залихи. Свежината се одржува во секој чекор од процесот, од моментот кога производот ќе биде преземен од добавувачот, преку транспортот и складирањето, па сѐ до неговото поставување во маркетите. Токму затоа, логистичкиот процес и прецизното управување со него денес се смета за еден од суштинските во малопродажбата.
5. Во своите настапи, Lidl често потенцира дека е компанија која не носи само нови маркети, туку и нови стандарди во државата и на пазарот каде што влегува. Можете ли да ни објасните како тоа изгледа во областа на транспортот и логистиката?
Ние не сме фокусирани само на сопствените процеси, туку и на развојот на компаниите со кои работиме. Еден добар пример за тоа се транспортните компании. За да можат да работат според стандардите на Lidl, тие треба да располагаат со современи возила и технологии кои овозможуваат прецизна контрола на условите за транспорт. Некои од нашите бизнис партнери е потребно да направат дополнителна инвестиција за да ги постигнат критериумите што ние ги бараме, но тоа пак позитивно влијае на нивниот бизнис од повеќе аспекти. Тие во Lidl добиваат долгорочен партнер, а исто така стануваат конкурентни и за соработка со други европски партнери затоа што често тоа што ние го бараме како Lidl, се всушност критериуми кои важат низ сите земји-членки на Европската унија. Од искуството во Lidl кое го имам веќе 15 години можам да кажам дека ваквите стандарди со текот на времето го менуваат целиот сектор. Компаниите инвестираат повеќе, услугите се подобруваат, а тоа на крајот има позитивен ефект врз целата економија.
6. Една од темите што станува сѐ поважна во малопродажбата е како да се намали количеството на непродадени производи и материјали. Како Lidl пристапува кон ова прашање?
Една од нашите цели е правилно управување со материјалите што остануваат по работењето, но и нивно максимално искористување. Затоа и не сакаме да зборуваме само за отпад, туку за материјали и производи кои можат повторно да добијат вредност. Во логистичкиот центар сите материјали се селектираат по различни категории. Зборуваме за повеќе од десет различни фракции, како што се пластика, дрво, метал, различни видови фолија, текстил, електронска опрема и други материјали. За секоја од нив бараме решение кое ќе овозможи повторна употреба или рециклирање. Нашата амбиција не е само да ја предадеме пластиката или хартијата на рециклирање, туку нѐ интересира што ќе се случи понатаму и дали од тие материјали навистина ќе се создаде нов производ. Добар пример се кровните панели што се вградени и во логистичкиот центар во Куманово, а се произведени од рециклирани материјали од системот на Lidl.
Работиме и на воспоставување долгорочни партнерства со компании кои можат да обезбедат одржливи решенија за искористување на различни видови материјали и производи. Нашата цел е што е можно помалку ресурси да завршуваат без намена и што е можно повеќе да останат дел од еден кружен процес на користење со што ќе се даде поддршка и на циркуларната економија.