Стефан Георгиев, „Лидл Северна Македонија“: Минатогодишниот извоз од 15,5 милиони евра е заеднички успех на Lidl и македонските компании
14.04.2026 | Скопје
„Лидл Северна Македонија“ објави дека извозот на македонски производи на странските пазари преку компанијата минатата година достигнал 15,5 милиони евра, надминувајќи ги првичните очекувања дека ќе изнесува 10 милиони евра. На што се должи ваквиот успех?
Стефан Георгиев: Би рекол дека е заеднички успех. Lidl може да им овозможи пристап на домашните компании до големите пазари, дури и до оние на кои тие не очекуваа дека ќе успеат да се „пробијат“. Практично, Lidl е „моторот“ кој им помага на домашните производители да обезбедат влез на тие пазари. Тоа се постигнува преку значајната поддршка што ние им ја даваме во поглед на исполнувањето на бараните строги стандарди и сертификати како што се International Featured Standard (IFS), Global G.A.P. и GRASP. Клучниот фактор секогаш е квалитетот на самите производи, како и капацитетот на компаниите да одговорат на високите барања. Фактот дека во 2025 година извозот од Македонија преку мрежата на Lidl достигна 15,5 милиони евра, што е за 50 отсто над првичната проекција од 10 милиони евра, доволно говори дека македонските производи имаат реална конкурентна вредност и можат да ги исполнат строгите европски стандарди, но и стандардите на Lidl, кои често се и построги. Тоа покажува дека овие производители се подготвени да се прилагодат на високите барања од странските купувачи и да ги направат потребните инвестиции во таа насока. За нашата компанија, пак, ова е потврда дека нашата стратегија за поддршка на домашните добавувачи дава резултати. Притоа, сите овие процеси немаат за цел да се постигне краткорочен извозен бран, туку позиционирањето на македонските производи на европските пазари да биде одржливо и долгорочно.
Кои наши производи најдобро поминаа кај странските купувачи и дали можете да ни дадете некои примери како тие успеаја да ги освојат пребирливите купувачи кои се навикнати на квалитетот на асортиманот што се нуди во маркетите на Lidl?
Стефан Георгиев: Најдобар пласман, а и најголем интерес имаше за производите кои во Македонија имаат препознатлив квалитет и долгогодишна традиција. Во тој контекст би ги издвоил свежото овошје и зеленчукот, чиј извоз лани достигна износ од 5 милиони евра, потоа јагнешкото месо, кое донесе прилив од 2,2 милиони евра, но и конзервираните и кондиторските производи, виното и млечните производи, кои во вкупниот износ од 15,5 милиони евра остварен минатата година учествуваа со 7 милиони евра. Овие бројки потврдуваат дека производителите успеале да обезбедат стабилен квалитет и сигурна испорака, како и дека ги почитуваат договорените стандарди и рокови.
Како дел од програмата за извоз, ние правиме и промоција на македонските производи во маркетите на Lidl во други земји преку иницијативата „Македонска недела“. Во 2025 година, преку оваа иницијатива беа извезени производи во вредност од 1,3 милиони евра. Во претходните две години организиравме 22 промоции во маркетите во Бугарија, Словенија, Србија и Хрватска, со над 70 македонски производи од 17 добавувачи и над 2.200 палети производи, правејќи ги многу повидливи и препознатливи за странските потрошувачи.
Со овие промоции на странските купувачи им ги доближуваме автентичните македонски производи и во многу случаи наидуваме на голем интерес, со тоа што скоро сите планирани количини се продаваат уште во првите денови од „Македонската недела“.
Тука би додал дека покрај прехранбени производи, соработуваме и со компании од земјава за други производи, како што беше и неодамнешната соработка со Алкалоид за извоз на брендот „Бекутан“. Помогнавме овој познат македонски бренд да стигне до полиците на Lidl низ цела Франција, а тоа е продажна мрежа од над 1.600 маркети. Исто така помогнавме за извоз на „Бекутан“ бебешки шампон и гел за туширање во Латвија и Литванија, а отворени сме за поддршка на извозот на овие и други продукти и за други пазари каде е присутен Lidl, што само го покажува потенцијалот за соработка со македонските компании што го имаме како дел од европската мрежа.
Кои стандарди мораа, а секако дека ќе мораат и во иднина да ги исполнуваат македонските производители за да им бидат отворени вратите на странските пребирливи пазари и како Lidl им помага на овие домашни компании?
Стефан Георгиев: Првичниот предуслов за соработка со Lidl е производителите да поседуваат соодветни сертификати, какви што се Global G.A.P. и IFS сертификатот, меѓународно признати сертификати за безбедност и квалитет на храната. Пред влезот на Lidl во земјава, само десетина македонски компании кои се извозно ориентирани, го исполнуваа овој критериум, а денес тој број е значително зголемен, со очекување до крајот на оваа година да има 50 IFS-сертифицирани производители и 45 производители со Global G.A.P. сертификат. Но, сертификацијата за Lidl е само почетна основа, бидејќи ние како компанија применуваме сопствени стандарди, кои се построги и од меѓународните.
Иако имаме строги и високи критериуми и контроли, ние активно работиме и на поддршка на производителите, преку помош во процесите на сертификација, потоа консултации, споделување знаења и искуства, а во одредени случаи и поддршка при вложувања во складишни, логистички и капацитети за пакување. Преку соработка со германската и швајцарската амбасада го работиме проектот „Подготвени снабдувачи“ (Fit for Supply) и им помагаме на македонски компании да се стекнат со сертификати, при што тие не само што ќе можат да ги пласираат производите за Lidl на македонскиот пазар, туку ќе можат да изградат и долгорочен извозен потенцијал.
Какви се повратните информации од македонските производители кои веќе соработуваат со Lidl?
Стефан Георгиев: Станува збор за позитивни искуства. За голем дел од нив соработката со Lidl претставуваше прв реален чекор кон извоз на поголеми, структурирани пазари, на кои претходно немале пристап. Сега од Македонија извезуваат околу 60 производители, а извозот стартуваше со осум или девет компании. Тие првично извезуваа во Србија, но потоа извозот се прошири и во други земји, како што се Бугарија, Полска, Словенија, Србија и други држави.
Она што е многу важно за производителите е што тие со овие пласмани имаат голема предвидливост, која може да се смета за една од најголемите предности, во смисла дека однапред се знаат бараните стандарди, потребните количини, како и динамиката на испорака. Во такви околности компаниите можат да ги планираат своите претстојни инвестиции, да го оптимизираат производството и се разбира, да обезбедат стабилен раст. За нас е важно оваа соработка да биде долгорочна и одржлива, со јасна додадена вредност не само за Lidl, туку и за производителите и за националната економија.
Најголем дел од производите кои се продаваат во вашите маркети се всушност сопствени марки на Lidl. Би можеле ли да ни откриете како се создаваат тие сопствени марки и колкав период е потребен да се дојде до еден таков препознатлив бренд?
Стефан Георгиев: Сопствените марки опфаќаат дури 90 отсто од асортиманот што се нуди во нашите продавници, тие се практично „срцето“ на нашиот бизнис модел. Нивното создавање воопшто не е брз процес, туку нешто што внимателно се планира и подготвува. Станува збор за производи со висок квалитет, но се внимава сето тоа да се креира на еден одржлив начин. Во создавањето на сопствените марки работиме со поголем број компании од целиот свет, но и во тој процес целта ни е да вклучиме што повеќе локални добавувачи. Нашите сопствени марки се создаваат во период од шест до 12 месеци. Сѐ започнува со разговори, од кои се раѓа идеја, што произлегува или од потребите на пазарот, или од потребата за промени кај одреден постоечки производ. Потоа се идентификува потенцијалот на таа идеја, па околу неа се преговара подолг период, и кога сето тоа ќе созрее, се оди на финалниот процес. Се развива рецептурата на тој производ, усогласување со нашите строги стандарди за квалитет, потоа избор на соодветни суровини, тестирања, сертификација, и на крајот е склучувањето на договорите со производителите.
Нашиот фокус е ставен на оптималниот сооднос меѓу цената и квалитетот и Lidl на потрошувачите им нуди најповолна цена за најдобар квалитет. Овој модел го постигнуваме преку високо ефикасни процеси, внимателно селектиран асортиман, како и доминација на сопствените марки, што ни овозможува целосна контрола врз квалитетот, безбедноста и ценовната стабилност. Така што, ние не ја гледаме цената како една изолирана категорија, туку во комбинација со одржување на довербата од потрошувачите на кои квалитетот на нашата понуда им е особено важен, безбедноста на производите, како и нашата долгорочна репутација.